Неверојатни над 2,8 милијарди евра лани биле уплатени, односно искоцкани во казината, автомат клубовите и спортските обложувалници во Македонија. ТВ Телма ги објави податоците добиени од Управата за јавни приходи, според кои најмногу пари се оставале на автоматите.
Во Македонија, земја каде минималната плата е 24.379 денари, информацијата дека граѓаните потрошиле сума од околу три милијарди евра за коцкање, наиде на бројни јавни реакции.
Додека голем број на граѓани реагираат дека треба да се стави крај на епидемијата со коцкање, од која на удар се и младите генерации и страдаат цели семејства, има и такви, кои тврдат дека луѓето имаат право на сопствен избор, односно самите свесно да одлучат дали ќе влезат во казино или не, и потсетуваат дека коцкарската индустрија отвора работни места.
На темата, ВИКИМЕДИА пишуваше пред неколку месеци, кога нашинец по потекло од внатрешноста, со цело семејство се преселил во Германија, а со нашите читатели ја сподели својата приказна, односно откри дека коцкањето било причината да го остави домот и да тргне во непознато на прагот на своите 50-ти години.
Како што раскажа, никогаш не помислувал дека еден ден ќе го напушти родниот град и ќе замине да гради нов живот во Германија, но бегството од Македонија за неговото семејство во еден момент станало единствена опција за спас на синот, кој станал зависник од коцкање.
-Проблемите ми започнаа кога синот, на негови 18 години замина на студии во Скопје.
Иако беше солиден ученик, набргу сфатив дека има некаков проблем. Постојано му недостигаа пари, започнал и да се задолжува, престанал да оди на предавања…
Кога дознавме што се случува, односно дека тој започнал редовно да оди во казино, а на пат до факултетот имаше сигурно пет-шест казина и обложувалници, за нас започна еден пеколен пат.
Со сите сили се трудевме, постојано разговаравме, баравме начин да си го оттргнеме детето од тој порок. И самиот сфаќаше дека тоа е лош пат, но напразни беа ветувањата, на крај пак завршуваше на апаратите за среќа. Дојде ред да распродава бела техника од дома, и веќе сфатив дека мора да преземеме драстични мерки, ако сакаме да си го спасиме детето.
Одлуката не беше лесна, но со помош на наш семеен пријател, кој подолго живее во Германија, и ние заминавме, ни раскажа нашиот соговорник, а како што кажа, целта му била да се актуелизира прашањето со коцкањето во земјава, од кое страдале многу фамилии, а кое на некој начин се уште било табу тема.
Кажа дека првите две-три години во Германија им биле многу тешки, посебно и поради тоа што морале да започнат да го изучуваат јазикот, но и генерално, додека да најдат соодветен изнајмен стан, додека да најдат стабилна работа, и додека да се прилагодат на големата животна промена.
-Сега, донекаде сме, да речам, стабилизирани, но првите две-три години, ние навистина се намачивме овде. И денес, кога син ми веќе работи, влезен е во некое нормално секојдневие, јас искрено се плашам да дојдам на лето во родната куќа, во Македонија. Го имам тој страв дека можеби пак ќе влезе во казино, и знам дека некому можеби ова ќе му звучи дури и смешно, ама оние кои имале дома зависник од комар, сигурно ќе ме разберат.
Затоа, ги замолувам медиумите повеќе да пишуваат на темата, ги охрабрувам луѓето кои минале низ таа зависност да се охрабрат и да ги раскажат своите приказни, затоа што тука се афектирани судбините на цели семејства, посебно кај оние зависници кои имаат мали деца за гледање, раскажа нашиот соговорник.
Според Институтот за јавно здравје пак, истражување спроведено во Македонија во 2024 година покажало дека во последната година секој четврти ученик се коцкал за пари, при што со физичко присуство се коцкале 21 отсто од испитаните ученици, додека онлајн тоа го правеле 15 отсто од нив. Притоа, алармантно е што проблематичното коцкање кај тие што го прават тоа се зголемило од 4,5 проценти во 2019 година на 7,6 проценти во 2024 година. Во истражувањето биле опфатени 2.831 ученици од 96 средни училишта.
В.К.

