Габи – легендата на ЗОО Белград.
Во Зоолошката градина во Белград веќе неколку децении наназад стои споменикот на Габи, куче од расата Германски овчар, кој потсетува на нејзината бестрашност и верност.
Зоолошката ја згрижила Габи во осумдесеттите години на минатиот век, како осум-годишно бездомно куче, и таа постојано била околу вработените и патролирала заедно со чуварот Станимир Станиќ. 
Во 1987 година, среде ноќ, јагуарот во зоолошката успеал да побегне од кафезот, а Габи започнала борба со него, ризикувајќи го својот живот за да го спаси чуварот. Кога дошла полицијата, јагуарот бил разјарен и веќе убил еден динго (австралиско диво куче), и за да го запрат крвавиот пир, го застрелале.
Габи, која го заштитила чуварот и го спречила животното да побегне од зоолошката, била целата крвава и со тешки повреди. Била оперисана, и долг период заздравувала.
Потоа, до крајот на нејзиниот живот во 1992 година, кога починала од старост, останала да живее во зоолошката и да чува. Токму таму, во зоолошката ја закопале по смртта, а нејзиниот споменик бил направен три години пред да почине.
На свеченото откривање на истиот, присуствувала и Габи, која до денес е симбол за верноста и пожртвуваноста на овие животни.
Деск

