Иван Кукиќ (28) – приказна за тоа кога музиката не е само професија, туку е семејна традиција што продолжува да живее и да се развива на сцената.
Иван Кукиќ, син на музичарите Ленче и Горан Кукиќ, беше дел од специјалните гости на музичката ѕвезда Дадо Топиќ, на неговиот јубилеен концерт во МТС Дворана во Белград, на кој беше дочекан со овации.
Додека настапуваше на сцената со Топиќ, во позадина на видео бим се вееше македонското знаме.
Младиот музички талент свири на шест инструменти – гитара, тапани, пијано, контрабас и народни инструменти, но и компонира, аранжира и пее. Член е на Влатко Стефановски Трио, настапува со групата Ју фор ју, беше дел од турнејата со Индекси и е се почест гостин кај докажани музички имиња… Со труд и со чиста емоција кон музиката, младиот Кукиќ веќе го привлече вниманието на регионалната публика и е културен амбасадор на својата земја.
Кога талентот и љубовта кон музиката се пренесуваат од генерација на генерација, сцената добива нова ѕвезда со познато презиме, но со сопствен глас. Така е и во случаите кога синот, израснат зад кулисите и меѓу инструментите, решава да тргне по стапките на своите родители – и притоа да изгради сопствен, успешен пат.
В.К.

