Горан Јанкоски, главен одговорен супервизор за информативни системи во Народната банка, во изјава за вестите на Сител ТВ информираше за новите правила за засилена автентикација при онлајн плаќања, кои стапуваат во сила од 1 март, објави Народна банка.
„Со воведувањето на засилената автентикација, дури и ако некој ги дознае податоците од вашата картичка не може да го направи или авторизира плаќањето без вашата потврда во апликацијата. Пред да одобри во апликацијата граѓанинот може да го види износот и трговецот каде се врши плаќањето што дава дополнителна контрола и можност да се препознае сомнителна трансакција“, истакна Јанкоски.
Тој појасни дека со овие измени се укинува практиката на потврдување трансакции преку СМС-кодови и се воведува задолжителна двојна автентикација преку мобилна апликација или м-токен на банката.
Воедно, упати апел до граѓаните да ги преземаат мобилните апликации исклучиво од официјалните продавници, да не отвораат сомнителни линкови добиени преку СМС или електронска пошта и да не споделуваат доверливи податоци, имајќи предвид дека банките никогаш не бараат ПИН-кодови или лозинки по телефон.
Оваа новина претставува усогласување со европските регулативи и стандарди за безбедност во платежниот систем и имаат за цел дополнително зајакнување на заштитата на корисниците при електронски плаќања, соопштија од Народна банка.
Деск
ДУРИ И АКО НЕКОЈ ВИ ГИ ЗНАЕ ПОДАТОЦИТЕ ОД КАРТИЧКАТА, НЕМА ДА МОЖЕ ДА ПЛАТИ БЕВ ВАША ПОТВРДА: НОВИТЕТИ ЗА ОНЛАЈН ПЛАЌАЊА
1 Min Read

