Рок-светот изгуби еден од своите најпрепознатливи гласови. Томи ДеКарло, долгогодишниот пејач на легендарниот американски бенд Бостон, почина на 9 март 2026 година на 60-годишна возраст, по битка со тумор на мозокот. Веста за неговата смрт ги растажи безбројните обожаватели на класичниот рок ширум светот, бидејќи со години ДеКарло беше гласот што ги оживуваше песните на еден од најпознатите бендови од седумдесеттите на концертите.
Бендот Бостон е основан во 1975 година од гитаристот, композитор и продуцент Том Шолц, инженер од престижниот МИТ, кој го разви карактеристичниот звук на гитарата по кој бендот стана познат. Нивниот деби-албум од 1976 година, “Boston”, стана еден од најпродаваните деби-албуми во рок-историјата, со продадени над 17 милиони примероци само во Соединетите Американски Држави.
Во нивните рани години, најголемиот успех на бендот беше обележан од пејачот Бред Делп, чиј моќен и мелодичен глас стои зад големите хитови како “More Than a Feeling”, “Peace of Mind” и “Foreplay/Long Time”. Делп беше заштитен знак на бендот сè до неговата смрт во 2007 година, кога рок-сцената остана без еден од нејзините најпрепознатливи гласови.
Веднаш по тој трагичен настан започна речиси филмската приказна на Томи ДеКарло. Роден во Јутика, Њујорк, ДеКарло беше голем обожавател на бендот Бостон. По смртта на Делп, тој сними кавери на нивните песни и ги објави на интернет како почит кон својот омилен бенд, малку свесен дека тоа ќе му го промени животот.
Тие снимки случајно ги слушнал Том Шолц, основачот на бендот, кој бил изненаден колку гласот на ДеКарло наликувал на оригиналните вокали на песните на Boston. Го покани на аудиција, а набргу потоа и во бендот. Така, Декарло, кој во тоа време работеше во “Хоум дипо”, одеднаш стана главниот вокал на едно од најголемите имиња на класичниот рок.
Од 2007 година, ДеКарло го обиколува светот со бендот, изведувајќи ги песните што ги дефинираа генерациите – меѓу нив “More Than a Feeling”, “Amanda” и “Peace of Mind”. Неговата интерпретација и сценско присуство помогнаа музиката на Бостон да остане жива по загубата на нивниот оригинален пејач.
Б.Н.

