Вчера во 16:00 часот во СВР Скопје е пријавено дека на велосипедска патека кај автобуска постојка ул.„11 Октомври“ во Скопје, електричен тротинет, управуван од женско лице, удрил во 59-годишната А.К. од Скопје и го напуштил местото на настанот.
Во несреќата со тешки телесни повреди се здобила А.К., констатирани во Градската општа болница „Св.Наум Охридски“ во Скопје, соопштија од МВР.
Од министерството додаваат дека е извршен увид од увидна екипа од СВР Скопје и се преземаат мерки за расчистување на случајот.
Ова е уште една од низата на несреќи со електричен тротинет, случена изминативе години, откако овие превозни средства станаа доста популарни во земјава.
Иако електричните тротинети се практично и еколошко превозно средство, нивната употреба бара одговорност, почитување на сообраќајните правила и соодветна заштитна опрема.
Според закон, електричен тротинет може да управува лице кое навршило 14 години, а возачот на тротинетот не смее да превезува други лица за време на управувањето. Исто така, треба да носи заштитен шлем на главата, а од самрак до разденување, како и во услови на намалена видливост, мора да носи рефлектирачки елек. Додека вози, со себе не смее да води животни.
Должен е да вози по велосипедска патека, а доколку ја нема, по пешачка патека, во правец на движење на сообраќај.
На велосипедска патека дозволена брзина е 25 километри на час, а пак на тротоар дозволена е брзина не поголема од 6 километри на час.
Деск

