Им пркосеше на оние кои беа скептични, докажувајќи со својата визија и уникатност дека и на нашите простори може да се прикаже нешто несекојдневно и ново, и во ризниците ни ги остави мега гледаното и еуфорично шоу ,,Вашите пет минути”, на кое организирано во публика доаѓаа луѓе од цела Македонија, како и ТВ проектите ,,Возење со Вучиќ”, ,,Среќни коцки”, ,,Некогаш и сега”, ,,Гурмански муабети”…
Драган Вучиќ (1955-2020) беше легендарен лик на македонската сцена, првин како музичар во ,,Тавче Гравче” и ,,Кода”, но и како композитор кој ги создаде евергрините ,,Ангели ме носат”, ,,Свирете ја зајди, зајди”, ,,Кажи ѕвездо”, ,,Ника, Ника”, ,,Нигде нема таква љубов” и други.
Во време кога медиумите ретко отстапуваа од веќе утврдените формати, а музичката сцена беше затворена за експерименти, еден водител и музичар се осмели да чекори по сопствен пат — далеку пред времето во кое живееше.
Додека другите се држеа до строго напишани сценарија, тој внесуваше личен печат, хумор и автентичност во секој свој телевизиски проект.
Веста за неговата смрт во 64-та година, од последици од корона вирус, ја остави јавноста во неверување. Денес, по околу шест години од заминувањето на Драган Вучиќ, тој се смета за пионер, човек кој ги оттурна границите во ТВ шоу програмите и кој останува запаметен по својата оригиналност.
В.К.

