Голем број на млади луѓе од Македонија веќе се подготвуваат да заминат на сезонска работа во Хрватска. Поголемиот дел од лицата кои таму ја минале работно летната сезона во 2025 година, започнале со комплетирање на потребната документација, и многумина од нив ќе ги спакуваат куферите за помалку од два месеци, односно ќе заминат уште во мај.
Од разговори со повеќе студенти, кои минатото лето го минаа работно во познати туристички ресорти во Хрватска, дознаваме дека добрите услови за работа, солидните примања, но секако и самостојниот живот во поразвиена земја, биле пресудни и годинава да се упатат кон истата дестинација.
-Минатата година за првпат заминавме, помала група на студенти, и работевме во угостителскиот сектор, без претходно искуство. Работата е платена од околу 1.200 евра месечно за позиции како келнери, собарки, продавачки во слаткарници, пекари или маркети, па се до над 2.000 евра за работа во ресторански кујни. Добиваме и солиден бакшиш.
Обезбедено е сместување и топли оброци, но пред се, можност да се помине летото покрај море, во дружба со млади луѓе од целиот регион, да се живее независно и самостојно на млади години, тоа е она кое беше пресудно и годинава да аплицираме за работа во Хрватска – велат нашите соговорници.
Според хрватското министерство за внатрешни работи, во изминатите години се издавале по над 170.000 дозволи за работа, од кои од Македонија имало по околу 20.000 илјади. Сезоната заочнува во мај и трае до крајот на октомври.
И додека илјадници млади луѓе се во исчекување на претстојниот период кој ќе го минат во Хрватска, локалните угостители повторно стравуваат од соочување со недостаток на работна сила, посебно во летниот период.
-Неколку години по ред ова ни се случува, штом доаѓа летна сезона, ни заминува дел од персоналот во Хрватска, некои одат и во Грција на работа. Ги подготвуваме огласите за вработување, пак ќе бараме келнери, шанкери, готвачи… Кај нас, за 400-500 евра никој не сака да работи, но можностите се тие, и имаме разбирање за оние кои заминуваат на сезонска работа, за ВИКИМЕДИА раскажуваат угостители.
В.К.

