Убави вести соопшти музичката дива Селин Дион. По четири години откако ѝ беше дијагностицирана нелечлива состојба која влијаеше на нејзиниот глас и способноста да оди, таа најави големо враќање на сцената, пренесува Би-би-си.
Дион ќе одржи десет концерти на арената “Ла Дефанс” во Париз во септември и октомври. Објавата дојде на нејзиниот 58-ми роденден. Во порака на Инстаграм, Дион го нарече враќањето “најдобриот подарок во животот”.
“Подготвена за ова”, им порача таа на своите фанови. “Се чувствувам добро, силно, возбудено, секако, и малку нервозно.”
Говорејќи за своето здравје, таа додаде: Одлично сум, се грижам за своето здравје, добро се чувствувам. Повторно пеам, па дури и малку танцувам.
Но, морам да ви кажам нешто многу важно: во изминатите неколку години, секој ден ги чувствував вашите молитви и поддршка, вашата добрина и љубов. Ви благодарам на сите. Едвај чекам повторно да се видам со вас.
Дион во декември 2022 година објави дека страда од синдром на вкочанета личност. Синдромот на вкочанета личност (СВП) е невролошко пореметување што предизвикува мускулни грчеви и може да влијае на подвижноста. Погодува околу 8.000 луѓе ширум светот и не постои лек. Пејачката изјави дека состојбата влијае на секој аспект од нејзиниот живот.
Нејзината последна турнеја “Courage” беше прекината поради пандемијата на КОВИД-19, а подоцна таа мораше да ги откаже сите идни настапи од здравствени причини.
Б.Н.
ПО ЧЕТИРИ ГОДИНИ ПАУЗА ПОРАДИ ЗДРАВСТВЕНИ ПРОБЛЕМИ, СЕЛИН ДИОН СЕ ВРАЌА НА СЦЕНАТА СО ДЕСЕТ КОНЦЕРТИ!
2 Mins Read

