-Бев премногу срамежлива да пеам, па затоа станав играорка во ,,Танец”. Кога пеев тоа беше само во дует. Дури подоцна почнав да пеам сама и тоа, практично, принудно. Имено, останав единствен женски вокал во „Танец“ и тогаш морав да ја совладам срамежливоста, раскажуваше Вања Лазарова (1930-2017) во интервју, неколку години пред да почине.
Лазарова – легенда на македонската народна песна шеесет години пееше исклучително македонски традиционални песни. Добитник е на голем број на интернационални музички награди и има гостувано речиси на сите континенти. Нејзината изведба секогаш предизвикувала восхит кај слушателите и во тек на шест-децениската кариера има настапувано пред голем број на светски државници и значајни личности.
За настапот во Америка во седумдесеттите години, раскажа во интервју за ,,Македонска нација” седум години пред да почине.
-Ми беше драго да настапувам пред наши иселеници, но прво морав да појаснам некои работи. Не дозволував додека јас пеам тие да играат, им реков дека мора да седнат, да се создаде атмосфера на вистински концерт, не сакав сето тоа да изгледа ?свадбарски° (без омаловажување на кого било), исто како што не ми паѓаше на ум да ги собирам доларите што тие ги фрлаа.
Јасно ми е дека тие со тој гест сакаа да ме наградат, но тоа мене ми се гледаше крајно невкусно. Не, не го прифаќав тоа. Сметав дека парите се работа меѓу мене и менаџерот, и толку. Понатаму е песната, истакнуваше Лазарова.
Нејзиниот глас продолжува да инспирира нови генерации музичари и љубители на традиционалната музика. Тој не е само звук – тој е чувство, идентитет и културно богатство.
Вања Лазарова останува симбол на македонската песна – глас што не се заборава, туку се памети, се чувствува и се носи во срцето.
Деск

