Претседателот на ССМ Слободан Трендафилов го најави следниот голем работнички протест закажан за 1-ви Мај, што ќе значи одбележување на Меѓународниот ден на трудот и следниот чекор во борбата на ССМ за зголемување на работничките плати.
-Претседателството на Сојузот на синдикатите на Македонија (ССМ) на седниците заедно со Советот на ССМ кој се одржаа во текот на вчерашниот ден донесе едногласна одлука дека на 1-ви Мај со почеток во 11 часот од пред Работничкиот дом на ССМ започнуваме нов протест за зголемување на минималната плата и за зголемување на останатите работнички плати.
“ЗА ПЛАТИ СЕ БОРИМЕ И НЕ СЕ МОЛИМЕ!” е слоганот под кој оваа година работниците ќе го одбележат Меѓународниот ден на трудот-1ви Мај и ќе излезат на улица рамо до рамо, еден до друг да побараат зголемување на минималната плата, затоа што минималната плата денеска е усогласена од страна на Министерството за економија и труд без согласност на социјалните партнери, односно без согласност на Сојузот на синдикатите на Македонија и на штета на работниците за само 1.667 денари.
Тоа што е важно, а според податоците од Управата за јавни приходи кои ги обезбедивме како ССМ е тоа што 50% од работниците во Македонија имаат плата под 600 евра и затоа нашата борба за зголемување на минималната плата е праведна, правична и вреди да се заложуваме максимално за зголемување на истата, затоа што половина од работноспособното население пријавено во работен однос прима плата под овој износ.
Сојузот на синдикатите на Македонија (ССМ) од почетокот на годината одржа неколку протести и неколку блокади и продолжуваме со протестите, односно на 1-ви Мај повторно излегуваме на улица заедно со работниците, истакна Трендафилов.
Деск
50% ОД РАБОТНИЦИТЕ ИМААТ ПЛАТА ПОД 600 ЕВРА, ЗАТОА НА ПРВИ МАЈ ИЗЛЕГУВАМЕ НА ПРОТЕСТ ЗА ЗГОЛЕМУВАЊЕ НА РАБОТНИЧКИТЕ ПЛАТИ, ВЕЛИ ТРЕНДАФИЛОВ
2 Mins Read

