Основно јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција поднесе обвинение за организирана даночна афера тешка над 6,5 милиони евра, во која се опфатени вкупно 25 физички и правни лица, меѓу кои и службеници од Управа за јавни приходи.
Обвинителниот акт е поднесен до Основен кривичен суд Скопје против 10 лица, додека обвинителен предлог е поднесен против уште 11 физички и четири правни лица, за кривични дела поврзани со даночно затајување, даночна измама, перење пари и злоупотреба на службена положба.
Според истрагата, криминалната група била формирана во 2023 година, а нејзини организатори биле српски државјанин – сопственик на две компании, заедно со двајца вработени во УЈП. Во периодот до 2025 година, во шемата се вклучиле и други управители и вработени во фирми од Скопје и Гевгелија.
Првообвинетиот, како што информира Обвинителството, прикажувал лажни податоци во даночните биланси за да избегне плаќање данок, при што не платил над 16,7 милиони денари. Во тоа му помагале службеници од УЈП.
Дополнително, други обвинети лица преку фиктивни пријави барале поврат на ДДВ за нерезидентни компании, со што го довеле во заблуда даночниот орган и го оштетиле буџетот за над 33 милиони денари.
Во исто време, дел од обвинетите вршеле и трансакции за прикривање на потеклото на незаконски стекнатите средства, при што во оптек биле пуштени над 401 милион денари.
Според Обвинителството, службениците од УЈП злоупотребиле службена положба и овластувања, овозможувајќи незаконско враќање на ДДВ во износ од речиси 350 милиони денари, со што е нанесена директна штета на државниот буџет.
За седуммина од обвинетите се бара продолжување на притворот, а Обвинителството предложило и конфискација на имот во вредност на причинетата штета. Дел од имотот и сметките веќе се замрзнати, а за конечна конфискација ќе биде побарана и меѓународна правна помош.
Деск

