Компанијата Риго Импекс се огласи со известување до лозарите, со кое ги инфрмира дека оваа сезона нема да откупува грозје од сортата вранец.
-Почитувани лозари,
Ве известуваме дека компанијата Риго Импекс, винарска визба во Гевгелија и Валандово, оваа сезона нема да врши откуп на грозје од сортата вранец, поради постојните залихи и неконкурентноста на пазарот на вино.
Ве молиме навремено да ги планирате вашите активности и пласманот на оваа сорта.
Ви благодариме на разбирањето, истакнаа од компанијата.
Во пресрет на сезоната, лозарите, посебно од Тиквешијата каде се најбројни, во повеќе наврати апелира да се објави цената на грозјето уште во месец февруари, додека не почнале со работа и со вложување во лозјата. Појаснуваат дека тоа е со цел да знаат дали воопшто да ги работат лозјата, бидејќи доколку цената е ниска, не сакаат да работат со загуба или пак за минимална заработувачка.
Во јануари годинава Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство го објави јавниот конкурс за избор на институција која ќе направи пресметка на трошоците за производство на килограм винско грозје за 2026 година, каде е истакнато дека пресметката треба да биде доставена најдоцна до 15-ти јули 2026 година.
И тогаш следеа бурни реакции на лозарите, кои посочуваа дека јуни, односно август, е касно за објавување на цена.
Сега, по објавата на компанијата дека нема да врши откуп на вранец, прашуваат што да прават со досега вложениот труд и средства, бидејќи веќе потрошиле финансии за кроење, врзување, ѓубрење и низа на други пропратни активности кои се дел од одгледувањето на виновата лоза. Исто така, бараат одговор дали и во други компании нема да се врши откуп на сортата вранец, која е една од најзастапените.
В.К.

