Дел од родителите на децата кои трагично ги загубија животите во пожарот во кабарето „Пулс“ во Кочани денеска остварија средба со директорот на Институтот за судска медицина, Александар Станков, барајќи одговори за токсиколошките анализи извршени по обдукцијата.
По средбата, родителите информираа дека им било потврдено оти анализите се целосно изработени, но дека резултатите засега не можат да бидат споделени со јавноста. Според објаснувањето од Институтот, сите наоди ќе бидат презентирани во рамките на судската постапка како дел од доказниот материјал.
Александар Наунов, татко на една од жртвите и претседател на Здружението „16 март 2025 Кочани“, изјави дека главната цел на средбата била да се утврди дали се направени сите потребни анализи.
„Ни беше кажано дека сè е завршено и предадено во Обвинителството, но дека за детали ќе мора да почекаме до судењето“, рече Наунов.
Тој додаде дека директорот Станков појаснил оти не смее да открива информации во оваа фаза, бидејќи тоа би можело да влијае врз судскиот процес. Родителите, како што истакна, ја почитуваат таа процедура и ќе ја чекаат официјалната презентација на доказите.
Прашањата што најмногу ги загрижуваат родителите се дали во анализите е утврдено присуство на цијанидни соединенија и дали тие евентуално придонеле за смртта на нивните деца.
Наунов посочи и дека во првите денови по трагедијата немало соодветна опрема за токсиколошки испитувања, но дека во меѓувреме анализите се извршени и целосно документирани.
Директорот Станков, пак, по средбата изјави дека Институтот ги исполнил сите обврски поврзани со случајот и дека јавноста ќе биде информирана преку судската постапка, кога доказите ќе бидат официјално презентирани.
Деск
ЗА ВРЕМЕ НА СУДЕЊЕТО РОДИТЕЛИТЕ ЌЕ ДОЗНААТ ДАЛИ ЦИЈАНИДНИ СОЕДИНЕНИЈА ПРИДОНЕЛЕ ЗА СМРТТА НА НИВНИТЕ ДЕЦА, ОТИ ВО ОВАА ФАЗА НЕ СМЕЕЛЕ ДА СЕ ОТКРИВААТ ИНФОРМАЦИИ
2 Mins Read

