Среде криза, додека македонските семејствата влегуваат во велигденските празници со празни фрижидери и полупразни трпези, Мицкоски организира раскошни гозби на сметка на народот, реагира СДСМ, по повод вчерашниот Велигденски ручек, кој го организираше премиерот во хотелот Хилтон.
Како што велат од СДСМ, граѓаните едвај врзуваат крај со крај, не знаат дали ќе имаат за леб, како да го поминат месецот, а Мицкоски како Луј XIV -ти, со владините функционери уживаат во раскошни гозби во скапи хотели.
-Додека мајки и татковци не знаат како да обезбедат празнична трпеза за своите деца, власта се гоштева со лосос на сметка на граѓаните.
Нема пари за 600 евра минимална плата за работниците, нема пари за мерки за помош на ранливите граѓаните, само кога е Мицкоски и неговиот луксуз во прашање има пари.
Ова не ароганција – ова е навреда за секој граѓанин.
Луксузирање на грбот на народот, папаја, манго, авион, гозби во скапи хотели.
Човек кој носи часовник од 60.000 евра, очигледно одамна го изгубил контактот со реалноста во која живее народот. Не знае што значи празен фрижидер. Не знае што значи да немаш за леб.
Оваа власт не чувствува, не разбира и не се грижи за народот. Власта мисли само на себе.
Се најаде ли Мицкоски? Колку им е доволно на функционерите од ВМРО-ОКГ? До кога ќе го понижуваат народот, прашува СДСМ.
Инаку, на настанот присуствуваа претседателката на државата Гордана Сиљановска-Давкова, поглаварот на Македонската православна црква-Охридска архиепископија (МПЦ-ОА), г.г. Стефан, поглаварот на Исламската верска заедница (ИВЗ), Шаќир Фетаи, министри во Владата, пратеници, градоначалници и други.
За Велигденскиот ручек Мицкоски истакна дека е значаен настан кој ги обединил претставниците на институциите и општествениот живот во едно заедничко славење на вредностите што Велигден ги носи – надежта, љубовта, простувањето и новиот почеток.
-Во атмосфера на меѓусебно разбирање и почит, се испрати силна порака за единство, солидарност и заедничка грижа за доброто на сите, објави вчера премиерот.
Деск
МИЦКОСКИ НЕ ЗНАЕ ШТО ЗНАЧИ ДА НЕМАШ ЗА ЛЕБ, РЕАГИРААТ ОД СДСМ ПО ПОВОД ВЕЛИГДЕНСКИОТ РУЧЕК КОЈ ГО ОРГАНИЗИРАШЕ ПРЕМИЕРОТ
2 Mins Read

