Имала само 18 години кога започнала врска со тогаш десет години постариот композитор, гитарист и фронтмен на легендарната група ,,Азра”, Бранимир Џони Штулиќ, и токму таа била инспирација за неговите најубави песни.
“Usne vrele višnje”, “Život običnog tempa”, “Jesi li sama večeras?”, “Volim te kad pričaš” се песните кои Штулиќ и ги посветил на Снежана Бановиќ. Три години биле во врска, а кога се подготвувал да замине во Холандија, сакал и таа да дојде со него. Планирале заеднички живот, и мајката на Штулиќ се обидувала да ја наговори Снежана да оди со него, верувајќи дека ќе му биде тешко без неа да се снајде во новата средина. Сепак, на крај таа се откажала од животот во туѓа земја и Џони отпатувал без неа.
Денес Снежана е театарски режисер, доктор на науки и професор на Академијата на драмски уметности во Загреб. Во интервју за ,,Тотални ФМ Сплит”, раскажа дека кон крајот на осумдесеттите, кога веќе прекинале секаков контакт, го слушнала препевот на песната ,,Are you lonesome tonight”, односно “Jesi li sama večeras”. Кажа дека токму во таа песна Џони ги опишал случките од нивниот заеднички живот, и истата и била најдрага од него.
Бранимир Џони Штулиќ денес полни 73 години. Неговите најпознати песни беа создадени од 1979 до 1984 година. Сними 16 албуми, и денес, иако живее во Холандија и ретко се враќа во родниот крај, интересот на публиката за него не е намален.
Б.Н.

