Весна Србиновски, мајка на двајца синови со аутизам, која од Македонија се преселила во Србија, со години била целосно посветена на домот и грижата за семејството. Нејзиниот живот се менува кога, по препорака од лекар, нејзиниот постар син Ненад започнува да го продава списанието „Лицеулице“ во Белград, како дел од својата терапија.
Поради страв да го пушти сам, Весна решава да го придружува – чекор што ќе стане пресвртница и за неа. Приказната за Весна е објавена на страницата Лицеулице.орг.
Во почетокот, таа се соочува со силна несигурност, срам и трема. Стоела настрана, го набљудувала синот додека продава и не се осмелувала да им пријде на луѓето. „Сакав да се откажам, ми беше непријатно“, искрено признава. Сепак, по совет од психолог, одлучува и самата да се обиде. Првите обиди биле тивки и несигурни – држела списание и чекала некој да ѝ пријде.
Со текот на времето, Весна постепено ја надминува тремата. Контактот со луѓето, разговорите и секојдневната работа ѝ носат ново чувство на сигурност. Продажбата на списанието станува нејзин прв личен приход и извор на самодоверба. „Ова ми беше како прва плата. Научив да го ценам трудот и парите, и да заштедам за мали радости за семејството“, вели таа.
Денес, Весна и Ненад се тим – заедно излегуваат на улица, заедно работат и се враќаат дома. Таа истакнува дека поддршката од сопругот е од огромно значење. Додека тие се надвор, тој се грижи за помладиот син, кој не зборува и бара постојано внимание.
Весна живее во Белград од 1989 година, кога се преселила од Македонија. Се сеќава на тешките години од деведесеттите, кога семејството живеело скромно, а таа останала дома за да се грижи за децата. И покрај сите предизвици, вели дека љубовта и заедништвото им помогнале да ги надминат тешкотиите.
И денес, нејзиното секојдневие е исполнето со бројни обврски, но Весна не се жали. Нејзината најголема сила е семејството. „Кога децата ми се среќни, и јас сум среќна“, вели таа, додавајќи дека, и покрај сè, мајчинството останува нејзината најголема радост и смисла.
Извор: Лицеулице.орг
Фото: Ања Михиќ

