Вистинска атракција во Штип е Дино паркот, кој е омилено место за најмладите и кој нуди уникатно доживување на праисторискиот свет. Лоциран во Бриони, во близина на ЗОО паркот, Дино паркот беше отворен лани во октомври. Има околу 20 фигури на диносауруси, помеѓу кои Т-рекс, брахиосаурус, стегосаурус, птеранодонот и други, а кои реагираат со помош на висока технологија и сензори.
Паркот е инвестиција од 500.000 евра, а за време на отворањето, градоначалникот Иван Јорданов порача дека Штип доби место каде на забавен начин ќе може да се научи нешто ново.
Покрај едукативниот дел, паркот нуди и бројни содржини за забава – игралишта, креативни работилници и простор за одмор за целото семејство. Родителите велат дека ова е идеално место каде децата можат да учат преку игра, додека истовремено уживаат во природата.
Со својата оригиналност и содржини, Дино парк веќе се наметнува како омилено место за викенд-прошетки и семејни излети, а интересот за него постојано расте. Очекувањата се дека оваа атракција ќе стане препознатлив симбол на градот и ќе продолжи да привлекува посетители од сите генерации.
Дополнително, привлечно за посетителите на Дино паркот е и тоа што во близина е и ЗОО паркот, каде има 25 видови на животни, односно паркот располага со животнски фонд од околу 500 единки.
Деск

