Во периодот од 19 до 27 април 2026 година ќе се одржи живата тактичка вежба „Блесок 26“, како продолжение на серијалот „Македонски блесок“ и една од најзначајните активности за проверка на борбената готовност на Армијата на Република Северна Македонија.
Вежбата се реализира по три години од последното оценување на декларираната единица за НАТО операции и претставува клучен тест за подготвеноста на лесната пешадиска баталјонска група да извршува задачи според НАТО-стандардите и во реални оперативни услови.
На брифинг со новинарите, началникот на Генералштабот на Армијата, Сашко Лафчиски, истакна дека воените капацитети се на располагање, но засега нема најави за нивно оперативно користење надвор од постојните мисии.
„Се на располагање. Дали има најави за нивно користење, во моментов не. Меѓутоа ние и сега учествуваме со свои сили, кога станува збор за одвраќање, односно одбрана на границите со мисиите и во Романија и во Латвија, и во Косово“, изјави Лафчиски.
Според информациите, „Блесок 26“ ќе биде тактичка теренска вежба со воени гаѓања, во која ќе учествуваат околу 1.500 припадници на Армијата. Во рамки на активностите ќе бидат употребени оклопни возила, транспортен хеликоптер, минофрлачи, беспилотни летала, како и специјализираните оклопни возила „Хаски 1“ и „Хаски 2“ за пронаоѓање и уништување експлозивни направи. Возилата „Страјкер“ нема да бидат вклучени поради административни причини.
Единиците ќе бидат ставени пред повеќе од 20 фиктивни сценарија, со симулирани настани, инциденти и дејствување на спротивставени сили, со цел да се тестира нивната способност за реагирање во сложени и динамични услови.
Вежбата ќе се спроведува под постојан надзор и управување, по што ќе следува финално оценување од страна на околу 40 сертифицирани експерти.
Најголем дел од активностите ќе се одвиваат на армискиот полигон „Криволак“, кој и овојпат ќе претставува централна локација за реализација и оценување на борбената подготвеност на единиците.
Деск

