Обврската за пријавување на доход остварен во странство не претставува новина, туку дел од долгогодишните законски правила, информираат од Управа за јавни приходи (УЈП). Оттаму појаснуваат дека суштинската промена во последниот период е во засилената контрола и системската обработка на податоците за приливи од странство, кои банките редовно ги доставуваат до институцијата.
Според УЈП, физичките лица имаат обврска да го пријавуваат својот доход, особено кога станува збор за приходи од странство или во случаи кога нема домашен исплатувач. Пријавувањето се врши преку електронскиот систем е-ППД, како и преку годишната даночна пријава.
Податоците на институцијата покажуваат дека за 2020 година биле испратени 11.527 известувања до граѓани кај кои биле евидентирани приливи од странство. Од нив, 2.276 лица доброволно поднеле пресметки, додека кај 3.637 лица даночната обврска била утврдена по службена должност. Кај 5.614 лица било утврдено дека не станува збор за оданочив доход. Вкупниот утврден данок изнесувал 171,6 милиони денари, од кои досега се наплатени 30,4 милиони денари.
Поновите податоци укажуваат на значително зголемување на приливите од странство. Во текот на 2025 година, 70.869 граѓани примиле средства во вкупен износ од 577 милиони евра. До овој момент се испратени 9.522 известувања, а 4.459 лица доброволно поднеле пресметки за утврдување на даночната обврска.
Од УЈП нагласуваат дека пристапот на институцијата е постепен и насочен кон доброволно усогласување на граѓаните со законските обврски, наместо кон казнување. Истовремено, потенцираат дека не доаѓа до двојно оданочување доколку обврзниците достават доказ дека данокот веќе е платен во странство.
Во тек се и дополнителни проверки за специфични категории граѓани. За 257 лица ангажирани во странски мисии е побарана меѓународна проверка, додека за 134 лица кои работеле во странство, вклучително и преку програмата „Work and Travel“, се организираат директни средби со цел појаснување на даночните обврски и можностите за нивно исполнување.
Од УЈП оценуваат дека дел од граѓаните се соочуваат со овие обврски како да се нови, главно поради недоволна информираност во минатото. Сепак, целта, како што посочуваат, е воспоставување правичен и транспарентен даночен систем, со еднаков третман за сите даночни обврзници.
Деск

