Градоначалникот Орце Ѓорѓиевски денес го најави почетокот на реконструкцијата на Универзална сала, оценувајќи дека станува збор за значаен проект за градот и неговите граѓани.
На настанот, на кој присуствувале и премиерот Христијан Мицкоски и министерот за култура Зоран Љутков, Ѓорѓиевски истакна дека реконструкцијата доаѓа по долг период на застој и чекање.
„Ова е момент кој Скопје долго го чекаше. Универзалната сала е еден од најпрепознатливите симболи на градот, но со години беше запоставена“, изјави тој.
Според него, објектот има особено историско и симболично значење, бидејќи е изграден по катастрофалниот земјотрес како знак на меѓународна солидарност. Тој потсети дека низ децениите салата била центар на културниот живот, каде се одржувале бројни концерти, фестивали и настани.
Ѓорѓиевски нагласи дека проектот ќе се реализира по принципот „клуч на рака“, што значи дека објектот ќе биде целосно завршен и подготвен за употреба без дополнителни интервенции. Планирано е реконструкцијата да заврши до април 2028 година.
Тој додаде дека обновата на Универзалната сала претставува важен чекор во подготовките на Скопје за кандидатурата за Европска престолнина на културата во 2028 година.
„Со новиот изглед, салата ќе стане модерна и функционална културна институција, која ќе може да биде домаќин на врвни настани и повторно ќе им служи на граѓаните“, истакна Ѓорѓиевски.
По завршувањето на реконструкцијата, објектот ќе биде предаден во владение на Град Скопје.
Деск
Previous ArticleВО ЗАТВОРОТ ВО СТРУМИЦА ЗАПОЧНА РАЗВОЈ НА ЖИВИНАРСКА ФАРМА

