Цел живот беше воин и до последен момент лавовски се бореше, но се се случи многу бргу, во рок од два месеца. Мајка ми се соочи со здравствен предизвик за кој сите, а најмногу таа, бевме уверени дека ќе го надмине. Не се предаваше, секогаш беше голем воин, многу жива, енергична… Дури последниот ден, пред да почине, како сите да сфативме дека ете, толку било, дека доаѓа крајот на нејзиниот живот, ни раскажа минатата година Виктор, синот единец на Весна Стојановска Николовска, доајенка на македонското глумиште.

Таа беше долгогодишна актерка во Македонскиот народен театар, но и еден од симболите на Македонските народни приказни, покрај нејзините колеги Ѓорѓи Колозов, Шенка Колозова, Гоце Тодоровски, Ванчо Петрушевски, Владимир Ангеловски – Дади, Лазар Бараков, Џемаил Максут, Димче Мешковски, Стојна Костовска и други.
-Кога бев мал, во тој период беше најактуелна поради Македонските народни приказни, и многу често не запираа луѓе на улица, и бараа автограм, насекаде ја препознаваа. Јас, како дете, тогаш не ја разбирав доволно таа популарност, па дури и се срамев кога ни приоѓаа луѓе. Потоа, кога веќе поминаа годините, на некој начин пак, ми сметаше тоа што како да паднаа во заборав нејзините улоги во приказните, се прашував зошто не е повеќе така популарна. Штета што во тоа време не постоеше интернетот, социјалните мрежи, па немаме доволно фотографии од снимања, од сите настани на кои таа учествуваше.Сега, кога се навраќам на сето тоа, сфаќам дека мајка ми сепак остави голем белег во македонското глумиште, ни раскажа Виктор, набргу по смртта на неговата мајка.
Весна Стојановска Николовска беше препознавана како убавата актерка од приказните, но но исто така позната и по бројни улоги во ,,Солунски патрдии”, ,,Еурека”, ,,Тврдокорни”, ,,Последната македонска елегија” и други. Седум години пред да почине, го изгубила сопругот, но продолжила храбро низ животот. Таа почина лани, во јануари, на 66-годишна возраст.
В.К.

