Во време кога сè почесто сме сведоци на занемарување и малтретирање на животните, бензинска станица во Будва, Црна Гора, нуди сосема поинаква приказна – приказна за грижа, хуманост и топлина на која сведочат посетителите од сите краеви на светот, кои некогаш запреле таму.
Оваа бензинска станица, која е целосно „pet-friendly“, прерасна во неформално засолниште за многу бездомни миленици од околината. Наместо да бидат оттурнати, животните тука се пречекани со внимание и љубов, а за многумина од нив токму ова место веќе претставува дом.
Вработените секојдневно се грижат за нив – им обезбедуваат храна, вода и безбедно место каде што можат да престојуваат.
Благодарение на нивната посветеност, кучињата и мачките постојано се присутни на бензинската, создавајќи топла и несекојдневна атмосфера што ги изненадува и воодушевува посетителите.
Овој хуман пример покажува дека малите гестови можат да направат голема разлика.

Додека во многу средини животните сè уште се запоставени, бензинската станица во Будва е доказ дека со малку грижа и човечност може да се создаде безбедно засолниште и подобар свет за оние што немаат свој дом, како и дека и приватниот сектор може да одигра значајна улога во подобрување на условите за бездомните животни.
М.К.

