Министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Цветан Трипуновски, соопшти дека македонските земјоделци повторно имаат пристап до средствата од ИПАРД програмата, по добиено официјално известување од Европската комисија – Генералниот директорат за земјоделство и рурален развој.
Како што информира министерот, по спроведена детална и сеопфатна контрола на користењето на средствата, европските институции утврдиле дека не се констатирани неправилности во постапките поврзани со ИПАРД фондовите.
Трипуновски истакна дека со ова се потврдува функционалноста на системот и одговорното работење на надлежните институции, кои, како што рече, постапуваат транспарентно и во интерес на земјоделците.
Тој се осврна и на претходните случувања поврзани со случај на злоупотреба во Платежната агенција, поради што, како што наведе, бил активиран национален механизам и побарана вонредна проверка од европските институции. Целта, според него, била да се обезбеди целосна транспарентност и да се заштити интегритетот на ИПАРД програмата.
По завршените проверки, како што информира министерот, европските институции добиле сеопфатен извештај согласно воспоставените процедури.
Трипуновски ги демантираше наводите на опозициската СДСМ дека средствата од ИПАРД биле блокирани, оценувајќи дека станува збор за дезинформации со кои се создава паника кај земјоделците.
„Вистината е дека средствата се достапни и системот функционира. Наместо политички конструкции, ние обезбедуваме реална поддршка и инвестиции за земјоделството,“ порача министерот.
Тој упати и порака до земјоделците да продолжат со аплицирање и инвестирање, нагласувајќи дека Владата и Министерството остануваат посветени на модернизација и развој на земјоделскиот сектор.
„Ќе продолжиме со засилено темпо, со нулта толеранција за злоупотреби и целосна транспарентност во корист на граѓаните и земјоделците,“ додаде Трипуновски.
Деск

