Семејството Балашевиќ стана побогато за уште еден член. Алекса Балашевиќ и неговата сопруга Николина добија син, на кого му го дадоа името Ѓорѓе – во чест на неговиот татко, легендарниот кантавтор Ѓорѓе Балашевиќ.
Радосната вест брзо се прошири во јавноста, а изборот на името предизвика силни емоции кај обожавателите ширум регионот. Многумина го гледаат овој потег како трогателен начин да се зачува споменот на еден од најсаканите музичари на овие простори.
Алекса и Николина веќе ја имаат ќерката Вера, родена во 2022 година, па нивниот дом сега е исполнет со уште поголема радост. Доаѓањето на малиот Ѓорѓе претставува посебен момент не само за семејството, туку и за сите што ја почитуваат музиката и делото на Балашевиќ.
Потсетуваме, Ѓорѓе Балашевиќ остави длабока трага во музиката и културата, а неговите песни и денес живеат меѓу генерациите. Името што го носи неговиот внук симболично ја продолжува таа приказна.
Б.Н.

