Комитетот за јавни инвестиции при Владата на Северна Македонија прифати реализација на три крупни инфраструктурни проекти во железничкиот сектор, кои треба да се спроведуваат во период од следните пет до седум години, соопшти министерот за транспорт и врски Александар Николоски.
Како што истакна Николоски, станува збор за стратешки инвестиции кои имаат цел значително да ја модернизираат железничката мрежа во земјата и да ја подобрат поврзаноста со соседните држави и европските транспортни коридори.
Првиот проект предвидува изградба на брза железничка пруга долж Коридорот 10, на релација Табановце – Куманово – Скопје – Велес – Демир Капија – Гевгелија. Оваа траса се смета за клучна артерија за патнички и товарен сообраќај, со потенцијал за значително намалување на времето на патување и зголемување на капацитетите за транспорт.
Вториот проект се однесува на реконструкција и надградба на железничкиот Коридор 8, на релација Скопје – Јегуновце – Тетово – Гостивар – Кичево. Според најавите, интервенциите треба да ја подобрат безбедноста, брзината и функционалноста на оваа линија, која е важна за западниот дел од земјата.
Третиот проект опфаќа набавка на нови локомотиви и патнички возови, со што се очекува модернизација на возниот парк и подобрување на квалитетот на железничките услуги за граѓаните.
Од Министерството за транспорт посочуваат дека овие проекти се надоврзуваат на веќе активните инвестиции во патната и железничката инфраструктура долж Коридорите 8 и 10.
„Со овие инвестиции ја градиме и модернизираме Македонија и ја позиционираме како важна транзитна точка во регионот“, истакна министерот Николоски.
Проектите во следниот период се очекува да влезат во фаза на подетално планирање, изработка на проектна документација и обезбедување финансиски средства.
Деск
Previous ArticleБЕСПЛАТНО ПОРОДУВАЊЕ И ДИГИТАЛНА ЕВИДЕНЦИЈА ЗА ЛИЦА БЕЗ ДРЖАВЈАНСТВО, НАЈАВИ МИНИСТЕРСТВОТО ЗА ЗДРАВСТВО
Next Article ДУБРОВЧАНКА ЈА ЧУВА ТРАДИЦИЈАТА СО КОНАВОСКИОТ ВЕЗ

