Здружението на новинарите на Македонија (ЗНМ) го нотира падот на државата на најновиот Индекс за слобода на медиумите за 2025 година на Репортери без граници, каде земјата е рангирана на 45-то место. Иако Македонија и понатаму релативно добро котира во регионален контекст, овој резултат е констатација дека медиумските слободи бележат влошување и дека напредокот не е одржлив без суштински реформи. Како што се наведува во извештајот, „медиумската средина не е отворено непријателска, но е обременета со структурни слабости кои ја поткопуваат довербата“.
Причините за ваквата состојба се повеќеслојни. Политичката поларизација и влијанието врз медиумите создаваат фрагментиран медиумски простор, односот на дел од носителите на јавни функции кон новинарите, за кој има примери на непринципиелен однос и јавна комуникација со новинари, како и појавата на SLAPP тужби и повторното отворање на можноста за државно рекламирање во приватните медиуми, создаваат амбиент што може да влијае врз уредувачката независност.
Дополнително, економската состојба на медиумите останува една од најслабите алки во системот. Нестабилните извори на финансирање и зависноста од надворешни влијанија ја прават редакциската независност ранлива. Во таа насока, ЗНМ укажува дека воспоставувањето на Фонд за медиумски плурализам не смее да се игнорира како јавна политика во спротивно, економската слабост ќе продолжи да биде хроничен проблем што директно влијае врз квалитетот и независноста на новинарството, за што ЗНМ има придонес во развивање на законски измени на законот за медиуми.
Клучниот, системски проблем претставува финансиската зависност на медиумите. Во мал и ограничен пазар како македонскиот, медиумите често се принудени да зависат од политички и бизнис центри на моќ, што директно влијае врз нивната уредувачка политика.
ЗНМ повикува институциите да обезбедат ефективна заштита на новинарите, да ја зајакнат независноста на јавниот сервис и да спроведат реформи усогласени со европските стандарди, додека медиумската заедница треба да инвестира во професионализација и почитување на етичките норми.
Само преку ваков пристап може да се врати довербата и да се обезбеди стабилна и слободна медиумска средина и со тоа подобрување на позицијата во која земјата се наоѓа на 45 место од 180 земји на Индексот за слобода на медиумите на Репортери без граници.
Извор: ЗНМ

