Дубаи, градот кој со години важеше за симбол на луксуз, бескрајен туризам и брз раст, деновиве се соочува со невообичаена слика: помалку туристи, празни хотелски лобија и тивка атмосфера во делови кои обично се преполни со живот.
Во познатите делови на градот, каде што некогаш се чекаше ред за маса во ресторани и за соба во хотел, сега се забележува поинаква реалност. Дел од хотелите пријавуваат пад на пополнетоста, а менаџерите велат дека сезоната не ги исполнува очекувањата, објави Дејли Меил.
-Туристичките агенции зборуваат за „попретпазливи патувања“ – луѓето резервираат помалку, пократко остануваат и трошат повнимателно.
Иако нема класичен колапс, ефектот е видлив: градот кој живее од постојан проток на посетители, сега чувствува „забавен ритам“. Посебно се чувствува влијанието врз странските работници, кои се темел на услужниот и градежниот сектор. Дел од нив пријавуваат намалени работни часови, додека други стравуваат од несигурност на договорите, пишува медиумот.
Официјалните институции најавуваат мерки за поддршка на туризмот и економијата, со цел да се одржи репутацијата на Дубаи како глобален центар за бизнис и патувања. И покрај сегашниот пад, експертите потсетуваат дека Дубаи со години градел модел кој зависи од постојан прилив на луѓе, капитал и настани – и токму затоа секое забавување се чувствува посилно од вообичаено.
-Дури 80 до 90 проценти од населението во Дубаи го сочинуваат странски работници, а голем број од нив сега немаат приходи и останаа без реална можност за заминување. Работници од Индија, Филипини, Пакистан и други земји остануваат сместени во работнички кампови, а некои не можат ниту да си дозволат авионска карта, известува Дејли Меил.
Медиумот потсетува и на високите казни околу изнесување на информации за последиците од војната кои се движеле до 24.000 евра, како и затворски казни за оние кои објавуваат снимки од штети настанати од нападите.
Деск
Фото: Fadel Senna/Afp

