Германскиот малопродажен синџир Лидл продолжува со своето проширување на пазарот во регионот, а според актуелни огласи, се бараат работници во Кавадарци, каде е планирано отворање на маркет.
Компанијата веќе започна процес на регрутација на нови вработени за повеќе позиции во идниот продажен објект. Во огласите се бараат кандидати за работни места во продажба, конкретно за Кавадарци, што укажува дека маркетот е во завршна фаза на подготовка пред отворање, како и заменик менаџер на маркет, во повеќе градови (не е прецизирано точно во кои градови, но освен во Кавадарци, се очекува отворање на маркети во Скопје, Штип, Битола, Струмица, Кичево, Тетово, Куманово, Гевгелија…).
Според достапните информации, од кандидатите се очекува основна комуникација со купувачи, тимска работа и подготвеност за работа во смени. Претходно искуство во малопродажба е пожелно, но не секогаш задолжително, бидејќи компанијата најчесто обезбедува обука за новите вработени.
-Завршено средно образование, одлична способност за комуникација со тимот и со клиентите, способност за работа во динамично опкружување и посветеност на постигнување резултати и позитивен став при промена на приоритети – е она кое се бара од кандидатите за позицијата асистент на продажба.
Отворањето на новиот маркет се очекува да придонесе за зголемување на бројот на работни места во Кавадарци, како и за поголема конкуренција во малопродажниот сектор, што може да влијае и на понудата и цените за потрошувачите.
Официјален датум за отворање засега не е јавно потврден, но процесот на вработување укажува дека стартот на работа се приближува.
В.К.

