Користењето на Националната платформа за интероперабилност бележи зголемување од околу 120%, информираат од Владата. Платформата овозможува електронска размена на податоци меѓу државните институции, со што се забрзуваат административните постапки и се намалува потребата од хартиени документи.
Министерот за дигитална трансформација, Стефан Андоновски истакна дека ваквиот раст претставува потврда за забрзаната дигитализација на јавниот сектор и сè поголемата поврзаност на институциите.
„Интероперабилноста е клучен чекор кон модерна и ефикасна администрација, каде што институциите разменуваат податоци автоматски, без да се оптоваруваат граѓаните“, истакна Андоновски.
Тој додаде дека целта е понатамошно проширување на системот и вклучување на уште повеќе институции, со што ќе се овозможи уште поголема брзина и точност во испораката на јавните услуги.
Од Владата посочуваат дека зголемувањето на бројот на трансакции е резултат на проширување на мрежата на институции поврзани на платформата и зголемена употреба на дигитални услуги во секојдневното работење.
Платформата за интероперабилност овозможува автоматска размена на податоци како што се лични информации и административни записи, со што значително се намалува административниот товар за граѓаните и компаниите.
Властите најавуваат дека дигиталната трансформација ќе продолжи со засилено темпо и во следниот период.
Деск
Previous ArticleДРАМА ПО РАСПРАВИЈА НА СОЦИЈАЛНИ МРЕЖИ: ПРВИН НАПАД, ПА ПУКАЊЕ ОД СТРАНА НА МАСКИРАНИ ЛИЦА НА МОТОЦИКЛ!
Next Article МАКЕДОНСКАТА КУЛТУРА ПРЕТСТАВЕНА ВО СРЦЕТО НА ЕВРОПА

