Министерката за образование и наука Весна Јаневска најави воведување лиценцирање на училишните психолози, мерка која, според неа, треба да придонесе за навремено препознавање и детектирање на различни проблеми кај учениците во училиштата.
Како што посочи Јаневска, идејата е стручните служби во образовните институции да добијат дополнителна професионална подготвеност и јасно утврдени стандарди за работа, со цел поефикасно справување со психолошките, социјалните и бихевиоралните предизвици кај младите.
„Психолозите треба да можат навремено да препознаат различни видови проблеми и соодветно да реагираат“, истакна министерката, додавајќи дека училиштата мора да станат побезбедна и посигурна средина за учениците.
Најавата доаѓа во период кога сè почесто се отвора прашањето за менталното здравје на младите, врсничкото насилство, зависностите и потребата од посилна психолошка поддршка во образовниот систем. Од Министерството сметаат дека лиценцирањето ќе придонесе за професионализација на кадарот и унапредување на квалитетот на психолошките услуги во училиштата.
Во јавноста веќе се отвораат и дилеми околу начинот на спроведување на процесот, критериумите за добивање лиценца и институцијата што ќе биде надлежна за контрола и евалуација на работата на училишните психолози.
Очекувањата се дека во наредниот период Министерството за образование ќе ги претстави конкретните законски решенија и моделот според кој ќе функционира системот на лиценцирање.
Деск

