Ветеринари од Агенција за храна и ветеринарство (АХВ) денес спровеле вонреден инспекциски надзор во Скопје ЗОО, и утврдиле дека животното кое синоќа беше заловено во Козле е волк. Информацијата за ВИКИМЕДИА ја потврди Тина Мицковска, вработена во зоолошката.
Сепак, заклучокот дека станува збор за волк, а не за куче- мелез од расата Чехословачки волчјак, бил донесен без претходно извршени ДНК лабораториски анализи, односно бил донесен – од око.
-Инспектори од АХВ потврдија дека станува збор за волк. Сепак, ќе се направи проверка дали има микрочип, во случај да не е украден од друга држава или зоолошка градина. Лабораториска анализа не е направена, бидејќи за тоа е потребен подолг период, но сите стручни лица кои што го видоа потврдија дека станува збор за волк, вели Мицковска.
Таа потврди дека животното засега ќе остане во скопската зоолошка. Истото е во карантин и не е заедно со другите волци во градината.
Истовремено, на социјалните мрежи се актуелни коментари дека станува збор за мелез од расата Чехословачки волчјак, и дека наводно неговиот сопственик пред некое време објавил дека кучето е изгубено и го бара.
Вики Клинчарова

