-Ќе ги замолам пратениците да побараат измена и дополнување на Законот за основно образование, да вметнеме казна за родителот чие дете е сторител на насилство во училиштето. Во моментов разговараме со нив за да се формулира таа измена и дополнување на законот. Сè додека има потреба и додека реалноста наложува, ќе правиме измени на законите за да воспоставиме не само мирна ученичка средина, туку и развој на ученичка средина која, за жал, не покажува резултати и покрај промените што во изминатите две и пол години ги правиме, изјави министерката за образование и наука, Весна Јаневска.
Таа ги повика родителите да обрнат значително поголемо внимание на однесувањето на своите деца, нагласувајќи дека агресивноста кај учениците најчесто не се создава во училиштата, туку се носи од домашната и пошироката средина.
Според неа, училиштата не се изворот на проблемот, туку местото каде што тој станува видлив. Како пример го посочи неодамнешниот инцидент во скопската населба Ченто, истакнувајќи дека учениците не доаѓаат до опасни предмети во училиштата, туку ги носат со себе.
„Целата држава може да прави што било, но ако не се вклучат родителите, не може да постигнеме успех“, изјави Јаневска, апелирајќи за заедничка одговорност во справувањето со насилството.
Министерката потенцираше дека е неопходна координирана акција на сите релевантни институции, но и активна вклученост на семејствата. Во таа насока, најави повеќе конкретни мерки, меѓу кои и враќање на дежурните наставници во училиштата, како и иницијатива за лиценцирање на училишните психолози.
Дополнително, ќе се работи на формирање стручни тимови кои ќе обезбедат системска поддршка и ќе работат директно со учениците, родителите и наставниците со цел навремено препознавање и надминување на проблемите поврзани со насилството.
Овие мерки, според Јаневска, се чекор кон создавање побезбедна училишна средина, но нивната ефикасност ќе зависи од заедничката ангажираност на институциите и семејствата.
Деск

