Во пресрет на годинешното издание на Фолк Фест Валандово, јавноста ја следи една особено интересна фестивалска приказна – враќањето на дел од најтрофејните изведувачи, со можност да се испише нова страница во историјата на македонската фолк музика.
Имено, Петар Нечовски, Благица Калева и Нино Величковски се изведувачите со најмногу победи на фестивалот – по три секој. Нечовски триумфирал во 1992 со „Слушај ги камбаните“, во 1993 со „Вечност да ти бидам“ и во 1998 со „Запри време“, поставувајќи темели за идните генерации.
Калева, пак, својот прв триумф го забележала во 1999 година со „Судбина било“, заедно со Перо Христов, а потоа победувала и во 2010 со „И на јаве и на сон“ и во 2018 со „Горда мајка“. Ист број победи има и Величковски, кој славел во 2001 со „Уште еднаш“, во 2005 со „Не се трпат немири“ и во 2014 со „Крстозбор“.
Она што го прави фестивалот годинава уште повозбудлив е фактот што токму Калева и Величковски повторно ќе застанат на сцената во Валандово, со реална можност да стигнат до својата четврта победа и да постават нов рекорд.
Натпреварувачката вечер на Фолк Фест Валандово 2026 ќе се одржи на 27 мај, со почеток во 20:30 часот, во директен пренос на МТВ 1. Фестивалот и годинава се очекува да донесе квалитетна македонска музика, но и силна конкуренција на сцената.
В.К.

