Иако Австралија и оваа година е меѓу фаворитите за победа на Евровизија 2026, правилата на European Broadcasting Union јасно предвидуваат дека дури и во случај на триумф – натпреварот нема да се пресели на австралискиот континент.
Според утврдените правила, Евровизија мора да се одржи во Европа, без разлика која земја ќе победи. Австралија учествува со специјална покана од ЕБУ, што значи дека нема автоматско право да биде домаќин, како што е случај со европските земји.
Во сценарио на победа, австралискиот јавен сервис Special Broadcasting Service би требало да избере партнер – телевизија членка на ЕБУ од Европа – која би ја презела организацијата на следното издание на натпреварот.
Австралија дебитираше на Евровизија во 2015 година, кога беше поканета по повод 60-годишнината на натпреварот. Иако првично настапот беше планиран како еднократен, земјата остана дел од натпреварувањето и со текот на годините се наметна како сериозен кандидат за висок пласман.
Ова правило не е ново, но повторно е актуелно поради силниот настап на Австралија годинава. Доколку дојде до победа, Евровизија ќе остане во Европа – но со австралиски „потпис“ во организацијата.
Б.Н.

