Откупот на пролетната зелка годинава бележи значителен раст, при што досега се откупени над 60 милиони килограми, информира министерот за земјоделство Цветан Трипуновски. Ова претставува зголемување од речиси девет милиони килограми во однос на истиот период минатата година.
Од Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство посочуваат дека откупот се одвива непречено и без поголеми проблеми на терен. Зголемените количини, како што велат, се резултат на поволните временски услови, добрата организација на производството и засилениот интерес од странските пазари.
Министерот Трипуновски нагласил дека институциите континуирано ја следат состојбата со откупот, со цел да се обезбеди стабилен пласман и заштита на интересите на земјоделците.
„Годинава имаме зголемена побарувачка за македонската пролетна зелка, што придонесува за подобар извоз и сигурен пласман на домашното производство“, истакна тој во изјава за емисијата „Аграр“.
Најголем дел од откупот традиционално се реализира во струмичкиот регион, каде производителите веќе неколку недели активно ја вршат бербата. Надлежните уверуваат дека динамиката на откупот се одвива согласно очекувањата и дека трендот на раст ќе продолжи и во наредниот период.
Деск

