Хрватската полиција е на нозе и во тек е масовна потрага по 50-годишниот Кристијан Алексиќ, кој синоќа пред вратата на својот дом во Дрниш, Шибеник, со околу десет истрели уби 19-годишно момче, доставувач на пица. Како што се вели во полициското соопштение, убиецот е непресметлив и опасен, а и најверојатно вооружен, и се апелира до јавноста доколку биде забележан, никој да не му се приближува, туку веднаш да повика полиција.
Трагедијата во која жртва е невино момче, кое наскоро требало да слави матура, ја потресе земјата. За осомничениот убиец веќе се објавија вознемирувачки детали, кога како 18-годишник убил 22-годишна девојка, Маријана Сучевиќ, која ја следел додека излегла од автобус и тргнала да оди кај нејзината баба. Ја нападнал од грб и и задал 17 убоди со нож. Настанот се случил во 1994 година. Телото на девојката било пронајдено наредниот ден, а Кристијан бил уапсен по неколку години, откако започнал да се фали дека токму тој го извршил убиството. Бил осуден на 12 години затвор и на задолжително психијатриско лекување. И по излегувањето од затвор продолжил со проблематично и насилно однесување.
Во 2023 година бил пријавен за поседување на оружје, а полицијата му пронашла и список со 12 жени кои планирал да ги убие. Бил повикан на разговор и потоа бил пуштен да си оди.
Токму поради тоа, не стивнуваат бруните реакции на хрватската јавност.
-Само системот е виновен и никој друг! Сите во Дрниш знаевме дека е само прашање на време кога ќе се случи вакво нешто. Само зборовите – Ќе убијам некого, му беа во уста. Жално е што се чека да се случи вакво нешто, па сите да коментираат како требало да се постапи. Не може некој проблематичен само да биде пуштен од затвор, и потоа да се нема никаков надзор над него. Целиот град живееше во страв од него, велат жители на Дрниш за Јутарњи.хр.
Додваат дека и таткото на Кристијан бил проблематичен и често учествувал во тепачки. Работел како кондуктер и бил познат насилник. Починал додека Кристијан бил во затвор, а пред неколку години почнала и мајка му.
За убиеното момче, чие име било Мили, велат дека бил кошаркар, кој започнал да работи како доставувач само пред неколку месеци.
Деск

