Шест години поминал во затвор поради ладнокрвно убиство на 22-годишна девојка, и за цело време никој не го посетил ниту еднаш. Сам одел на прошетки во кругот на затворот, не комуницирал со ниту еден затвореник, а слаба комуникација имал единствено со неколку вработени во затворот. Евидентирано било дека предизвикал 31 инцидент додека ја издржувал казната. Иако му била досудена мерка за задолжително психијатриско лекување, терапија никогаш не му била пропишана. Тоа се дел од деталите објавени во хрватските медиуми за Кристијан Алексиќ (50) од Дрниш, кој го потресе регионот со ново ладнокрвно убиство во кое жртва е невино дете, матурантот Лука М. (19), кој беше убиен додека му доставувал пица.
Во случајот со Кристјан Алексиќ, кој со огнено оружје го уби матурантот Лука М. (19), додека му доставувал пица, во јавноста се отвораат сериозни прашања за функционирањето на системот на извршување на судските мерки, откако се дознава дека изречената мерка задолжително психијатриско лекување – во пракса никогаш не била спроведена.
Според информациите објавени од хрватски медиуми, судот претходно донел одлука со која на Алексиќ му било наложено психијатриско лекување и терапија како дел од санкцијата, откако во 1994 година ладнокрвно, со нож убил 22-годишна девојка. Меѓутоа, и покрај јасната судска одлука, не постојат докази дека терапијата некогаш била формално пропишана или реализирана, односно тој никогаш не примал терапија.
Случајот дополнително добива тежина бидејќи лицето во меѓувреме поминало подолг период во затворскиот систем, без евидентирано континуирано психијатриско следење или третман, иако тоа било составен дел од судската мерка. Овој пропуст отвора дилеми за координацијата меѓу судските одлуки, затворските установи и здравствениот систем, како и за тоа како е можно правосилна мерка да остане само на хартија.
Како што пренесуваат хрватските медиуми, тој поминал шест години во затворот во Шибеник, и никој не го посетил ниту еднаш.
Јавноста и правните експерти сега бараат одговори дали станува збор за системска грешка, административен пропуст или сериозен недостиг на контрола во спроведувањето на мерките изречени од судовите.
Деск

