Велика Британија би можела да воведе максимална дозволена температура на работните места, со цел заштита на вработените од сè почестите и поинтензивни топлински бранови предизвикани од климатските промени, предупреди владин советник, пишува BBC.
Комитетот за климатски промени (CCC) препорача Владата да го стави воведувањето на системи за ладење, вклучително и климатизација во училиштата и болниците, меѓу своите највисоки приоритети.
Во извештајот се предупредува дека екстремните временски појави, како топлотни бранови, суши и поплави, веќе сериозно го нарушуваат „британскиот начин на живот“, влијаејќи на спортски настани, фестивали и секојдневното функционирање на општеството.
Претседателката на Комитетот за адаптација, бароницата Браун, остро ја критикуваше според неа „недоволната подготвеност“ на последователните влади да се справат со климатските ризици.
Таа порача дека делови од британскиот начин на живот се веќе под сериозна закана и дека е неопходно итно приоритизирање на мерките за адаптација.
Комитетот оценува дека Обединетото Кралство е „изградено за клима која повеќе не постои“, нагласувајќи дека климатските промени веќе ја менуваат временската слика во земјата, пренесе BBC.
Минатата година беше најтоплата досега измерена во Велика Британија, придружена со суши и ниски водни резерви, додека претходната година беше обележана со една од највлажните зими, што доведе до големи поплави.
Во извештајот се наведува дека до средината на векот, врвните речни текови во одредени области би можеле да пораснат и до 45% при обилни врнежи, додека недостигот на вода во Англија може да надмине пет милијарди литри дневно доколку не се преземат посилни мерки.
Иако намалувањето на емисиите на стакленички гасови останува клучен приоритет, експертите предупредуваат дека одредени последици од климатските промени веќе се неизбежни.
Деск
БРИТАНИЈА РАЗГЛЕДУВА ВОВЕДУВАЊЕ МАКСИМАЛНА ТЕМПЕРАТУРА НА РАБОТНИ МЕСТА ПОРАДИ ЕКСТРЕМНИ ЖЕШТИНИ
2 Mins Read

