Американски лекар кој се заразил со вирусот ебола додека работел во болница во Демократска Република Конго е евакуиран во Германија, каде што се лекува во специјализираната клиника „Шарите“ во Берлин.
Пациентот бил пренесен со специјален медицински транспорт и сместен во изолациска единица, поради сериозноста на состојбата и потребата од високо ниво на биобезбедност и интензивна нега.
Според податоците на Светската здравствена организација (СЗО), актуелниот бран на ебола во источниот дел на ДР Конго е еден од посериозните во последните години.
Досега се регистрирани околу над 500 сомнителни и потврдени случаи на зараза, додека бројот на починати се искачува на приближно 130 до 136 лица, според последните извештаи на меѓународните здравствени институции.
Епидемијата најмногу го зафати регионот Итури, каде што здравствените власти се соочуваат со ограничени капацитети за тестирање, недостиг на медицинска опрема и отежнат пристап до погодените области поради безбедносната состојба.
СЗО ја прогласи епидемијата за јавно-здравствена вонредна состојба од меѓународно значење, предупредувајќи дека вирусот се шири побрзо од очекуваното и дека постои ризик од натамошно регионално прелевање, вклучително и во соседните држави.
Во меѓувреме, здравствените служби и меѓународните организации работат на засилување на мерките за контрола, следење на контактите и подготовка на експериментални третмани, додека ситуацијата останува сериозна и под постојан надзор.
Деск

