-Во Ѕвездарска Шума, во близина на опсерваторијата, ја снимавме драмата на Душко Радовиќ „Како двајца будали се сакаа“. За време на паузата за ручек, помеѓу двете сцени, отидовме во општина Врачар да се венчаме. Се најдовме пред општината со другарката од училиштето на Драган, Сека Саблиќ. Таа беше наша кума. По венчавката, се вративме на снимањето како ништо големо да не се случило , раскажуваше Милена Дравиќ (1940-2018), големата актерка која ја одбележа југословенската кинематогарфија, за венчавката со актерот Драган Николиќ (1943-2016).
Нивната љубов траеше цели 44 години и освен што важеа за великани во актерството, беа познати и како пар кој совршено се надополнува и живее во голема љубов. Немаа деца, и во постаро интервју за српските медиуми раскажуваа дека тоа го сметаат за голем недостаток во нивниот живот, но не и мана.
-Едноставно, така е. Тоа ни дава шанса да ги гледаме сите деца како свои. Ја имаме нашата внука Ива, која ни надомести за се што немавме и целиот свет ни се врти околу неа, раскажуваа актерите.

По нивната смрт станот во кој живееле на Врачар го наследила внуката Ива, која на влезот поставила две плочи во нивна чест, со натпис „Тука живееле Драгослав Гага Николиќ и Милена Дравиќ, кралот и кралицата на глумата, љубовта и уметноста на Белград“.
За парот своевремено беше актуелна и приказната дека се мачеле со стариот автомобил и кога собрале пари да купат нов, на телевизија виделе прилог за дете на кое му биле потребни пари за операција на очите.
-На детето му требаат толку пари, колку што ние имаме за автомобил. Море, што ќе ни е нов автомобил, рекол Драган и набргу се појавиле пред вратата на детето со потребната сума за операција, а родителите останале во чудо од настанот. За случката не сакаа да зборуваат јавно, но Милена во една прилика само кратко потврди дека настанот се случил.
Дравиќ почина две години по нејзиниот сопруг, а во последното интервју раскажа дека со него го изгубила сето она што ги направило најубавите години во нејзиниот живот.
Деск

