Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски најави засилена соработка со граѓанскиот сектор и нови превентивни политики за унапредување на безбедноста во сообраќајот, по потпишувањето на меморандум со Фондацијата „Фросина Кулакова“.
Тошковски истакна дека меморандумот претставува заедничка определба трагедиите на македонските патишта да не се повторуваат, нагласувајќи дека човечкиот живот мора да биде највисок приоритет. Според него, соработката меѓу институциите и граѓанскиот сектор е клучна за создавање поефикасен систем за превенција, заштита и поддршка.
„Безбедноста во сообраќајот не е прашање само на казни и санкции, туку и на свест, култура и одговорност. Потребен ни е систем што навремено ќе ги препознава ризиците и ќе спречува трагедии“, посочи министерот.
Тој најави дека преку меморандумот ќе се реализираат заеднички кампањи за подигнување на јавната свест, ќе се зајакнат превентивните механизми, а посебно внимание ќе се посвети на поддршката на жртвите од сообраќајни несреќи и нивните семејства.
Воедно, Тошковски информираше дека Министерството продолжува со имплементација и надградба на системот „Safe City“, како дел од пошироките напори за подобрување на сообраќајната безбедност во земјата.
Осврнувајќи се на последната тешка сообраќајна несреќа на скопската обиколница, министерот нагласи дека таа е уште едно потсетување за сериозноста на проблемот.
„Една секунда невнимание е доволна за последиците да бидат трајни и ненадоместливи. Затоа апелирам до сите учесници во сообраќајот да бидат максимално внимателни и одговорни“, порача Тошковски.
Со оваа иницијатива, како што додаде, институциите испраќаат јасна порака дека безбедноста на граѓаните останува врвен приоритет и дека ќе се преземаат конкретни чекори за спречување на нови трагедии.
Деск
ТОШКОВСКИ: СО ФОНДАЦИЈАТА „ФРОСИНА КУЛАКОВА“ ВО БОРБА ПРОТИВ СООБРАЌАЈНИТЕ ТРАГЕДИИ
2 Mins Read

