Непрописно управување со товарно возило е причината за тешката сообраќајна несреќа во која животот го загубија четири лица, меѓу кои и баритонот Ристе Велков, неговиот син и уште двајца 20-годишници.

Според наодите од истрагата, 76-годишниот возач на камионот навлегол на спротивната коловозна лента, при што дошло до директен судир со автомобилот во кој се наоѓале жртвите. Од Обвинителството информираат дека се работи за сериозно прекршување на сообраќајните правила, а во тек се дополнителни вештачења за целосно расчистување на случајот.
-Осомничениот 76-годишник управувал товарно возилo „ман“ со прикачена полуприколка со косовски регистарски таблички, по северната обиколница на град Скопје во насока од запад кон исток. Притоа, не се придржувал кон прописите и со тоа го загрозил јавниот сообраќај и го довел во опасност животот на луѓето. Кога дошол во близина на клучката Мирковци брзината на движење на возилото не ја приспособил спрема својствата и состојбата на патот, густината на сообраќајот и другите сообраќајни услови, така што да може навремено да го запре возилото пред секоја пречка што под дадени услови можел да ја предвиди.
Во еден момент изгубил контрола над возилото и свртел во лево, па удрил и ја пробил металната одбојна ограда и продолжил со движење, преминувајќи на коловозот од автопатот наменет за движење на возилата од спротивната насока, каде во него со предната страна удрил автомобил ‘бмв’ кој се движел во насока од исток кон запад. По ударот автомобилот и камионот се запалиле. Во несреќата на лице место починале четворицата патници во патничкиот автомобил, соопшти Обвинителството.
Трагедијата предизвика силни реакции во јавноста, особено поради возраста на возачот на товарното возило. Повторно се отвори прашањето дали постојните законски решенија се доволни кога станува збор за возачите во поодмината возраст, особено за оние кои управуваат со тешки камиони.
Експертите предупредуваат дека со годините се намалуваат рефлексите, вниманието и физичката издржливост, што може сериозно да влијае врз безбедноста во сообраќајот. Оттаму, сè погласни се барањата за построги здравствени контроли и ограничувања за управување со товарни возила.
Во меѓувреме, институциите продолжуваат со истрагата, а јавноста бара одговорност и конкретни мерки за да се спречат вакви трагедии во иднина.
Деск

