Над 330 учесници од различни делови на Македонија и од повеќе возрасни категории зедоа учество на премиерното издание на атлетската трка „Промили“, која се одржа во Неготино. Настанот се реализираше долж улицата „Маршал Тито“ во двата правци, а беше одбележан со високо ниво на организација и голема посетеност.
Посебен белег на настанот беа стартните пакети за учесниците, во кои, меѓу останатото, се наоѓаше и по едно мало шише вино како симбол на градот на виното, што дополнително ја нагласи локалната традиција и препознатливост на Неготино.
Натпреварувачите се натпреваруваа во две дисциплини – на 5 и 10 километри, во зависност од нивната физичка подготвеност и избор. Во женска конкуренција на пет километри првото место го освои Адријана Поп Арсова, а во машка Муџахид Мислими. На десет километри пак, во женска конкуренција победи Билјана Кираџиева, а во машка Жан Тошев.
За најуспешните беа обезбедени награди и признанија, за да се поттикне спортскиот дух и мотивацијата кај атлетичарите.
Првата „Промили“ трка беше финансиски поддржана од Општина Неготино и бројни спонзори, што овозможи успешна реализација на настанот.
По завршувањето на трката, на градскиот плоштад беше организирана забава за учесниците и граѓаните, која помина во пријатна и релаксирана атмосфера.
Мноштво граѓани порачаа дека на Неготино му недостигаат вакви настани, кои придонесуваат за развој на спортската култура, заедништвото и позитивната енергија во градот.
В.К.
НА УНИКАТЕН НАЧИН, СО ВИНО ВО СТАРТНИОТ ПАКЕТ СЕ ОДРЖА ПРВАТА ,,ПРОМИЛИ” ТРКА ВО НЕГОТИНО!
2 Mins Read

