Соединетите Американски Држави воведуваат значајно построги правила за аплицирање за зелена карта, што може да влијае на илјадници странски државјани кои веќе престојуваат во земјата, пренесуваат американски и меѓународни медиуми.
Според новите насоки на Службата за државјанство и имиграција на САД (USCIS), најголемиот дел од апликантите кои сакаат да добијат постојан престој повеќе нема да можат да ја завршат постапката додека се наоѓаат во САД. Наместо тоа, ќе треба да ја продолжат процедурата од своите матични земји преку американски амбасади или конзулати.
Ова претставува значајна промена во досегашната пракса позната како „adjustment of status“, која овозможуваше апликантите да го променат својот имиграциски статус без да ја напуштат американската територија.
Од USCIS наведуваат дека оваа опција отсега ќе биде дозволена само во „исклучителни случаи“, кои ќе се проценуваат поединечно.
Новите правила би можеле да доведат до подолги процедури, зголемени трошоци и потенцијално одвојување на семејства за време на обработката на барањата. Дел од експертите предупредуваат дека ваквиот пристап може да создаде дополнителна неизвесност за имигрантите кои веќе живеат и работат во САД.
Американските власти ја оправдуваат мерката како обид за поефикасна контрола на имиграцискиот систем и намалување на можни злоупотреби.
Промените веќе предизвикуваат реакции во јавноста, а се очекува дополнително појаснување на нивната примена во наредниот период.
Деск

