На спортските настани сè почесто можат да се видат учесници кои трчаат заедно со своите миленици, но приказната за Кими и неговата сопственичка Христина Гечева привлече посебно внимание на првото издание на атлетската трка Промили во Неготино. Со многу енергија, трпение и доверба, тие заедно ја истрчаа патеката од пет километри како вистински тим, а Кими со својата брзина и љубопитност стана мала ѕвезда на настанот, скокајќи и мавтајќи со опашката како да знае дека е дел од нешто посебно.
Додека над 300 учесници се натпреваруваа за време и резултат, Христина избра поинаков пристап – да трча рамо до рамо со својот верен четириножен пријател. Кими, полн со енергија и радост, неуморно ја следеше низ целата патека, а нивната синхронизација и блискост беа нешто што ретко се гледа на вакви спортски настани.
За него, Христина раскажува дека го има од кога бил мало кученце, и дека тој не само што е нејзин придружник дома, туку се труди да биде и дел од нејзините активности и предизвици.
-Не е единствено куче што трча, има и други кучиња што учествуваат во вакви активности и трки, но за мене тоа е посебно затоа што првпат го правам ова искуство токму со него. Тоа ни е заедничка активност како тим. Иако има и други, секое куче си има свој карактер и начин на трчање, па Кими си има свој посебен стил и енергија. Кими го доби името по возачот во Формула1, Кими Антонели кој е брз и млад како него. Станува збор за малтипу кученце (мешавина од малтезер и toy пудлица) и веќе околу една година е со мене.
Расата е позната по тоа што е многу приврзана, интелигентна и енергична. Со Кими функционираме како мал тим – многу брзо ги чита моите движења и секогаш сака да биде активен и вклучен во секоја активност.
Во трчањето тоа уште повеќе се гледа, затоа што знае да забрза или да застане, па постојано се прилагодуваме еден на друг. За мене ова не е само трчање на пет километри, туку заедничко искуство што ни носи поврзаност, трпение и доверба. 
Како сопственик, би рекла дека со Кими функционираме како мал тим. Понекогаш морам јас да бидам таа што ќе го контролира темпото, затоа што тој како куче може да забрза, да застане или да реагира на луѓето околу нас.
И тоа ми е најинтересниот дел – што учиме да функционираме заедно, чекор по чекор, без притисок, со многу трпение и доверба. До сега имам учествувано на атлетски трки на пет и десет километри. За мене тоа се интересни искуства кои не се само натпревар, туку начин да се подобрам и физички и ментално.
5K е побрза и поинтензивна, додека 10K бара повеќе издржливост и контрола на темпото. Најважно ми е чувството кога ќе завршам – без разлика на времето, секогаш е личен напредок и мотивација за следната трка. Ги поттикнувам сите оние кои сакаат да учествуваат на овие спортски настани со куче, дека треба да се прилагодат на нив и нивната сила, кондиција и издржливост, но со постојан тренинг се одржуваат добри резултати, вели Христина.
За истрчаните пет километри заедно со нејзиниот миленик вели дека искуството било интересно, но и не било баш лесно.
-Тој е мал тип на куче, многу енергичен и љубопитен, па уште од старт сакаше да тргне побрзо од мене. Морав постојано да го држам во ритам и да внимавам да не се измори прерано. Во исто време, дефинитивно беше уникатно да се трча со него – не е исто како кога трчаш сам.
Тука имаш живо суштество кое реагира на сè околу себе: звук, мириси, движење на другите тркачи. Тоа бара многу трпение и разбирање, но и многу љубов и поврзаност. Целиот процес беше многу забавен, малку напорен, ама незаборавен затоа што Кими не трчаше само покрај мене – тој буквално ме влечеше напред со својата радост, мотивација и енергија, како да сме вистински тим.
Имавме многу енергија на почетокот и сакавме да трчаме напред, ама моравме да одржиме стабилно темпо. 32:53 минути ми поминаа брзо – ме дружеше неговата љубопитност и тоа што учествувавме заедно. Имаше моменти кога ми беше малку тешко, особено во средниот дел од трката, кога треба да се задржи стабилно темпо, а имаше мала елевација и Кими сакаше да застане, да одмори, да се разлади и да пие вода.
Но токму тоа ја прави целата работа посебна – не е само трчање, туку и постојана комуникација со него, вели младата девојка.
Додава дека ја расположиле реакциите на луѓето во публика, од кои некои биле изненадени од брзината на кученцето, некои застанувале да ги фотографираат, ги бодреле гласно и извикувале – Браво кученце!
-Тој беше мала ѕвезда на патеката. Кими дефинитивно привлече внимание – има некоја посебна енергија што ги тера луѓето да се свртат и да ги мотивира да продолжат да трчаат. На трката гледам како на заедничко време со Кими, бидејќи тој е младо куче кое сака движење, и природно се вклопи.
Мене ми беше инспирација да пробам нешто поинакво – да не е само тренинг, туку и една зајакната врска меѓу нас. За време на трката имаше моменти кога ми беше тешко, ама кога завршивме, Кими веднаш се смири и се потпре до мене. Тогаш сфатив дека не е важен само резултатот, туку тоа што го поминавме заедно. Малку напорно, ама многу вредно, забавно и незаборавно искуство, истакна Христина.
М.К.
ТАНДЕМ ШТО ЈА РАЗНЕЖНИ ТРКАТА ВО НЕГОТИНО: ХРИСТИНА ЈА ИСТРЧА ПАТЕКАТА ЗАЕДНО СО НЕЈЗИНОТО КУЧЕНЦЕ КИМИ
5 Mins Read
Previous ArticleДУБАИ КОРИСТИ ПАМЕТНА ТЕХНОЛОГИЈА ЗА ХРАНЕЊЕ НА МАЧКИТЕ СКИТНИЦИ

