Тома Здравковиќ (1938-1991) – човекот чиј глас знаеше да расплаче цела сала, а кој своите последни денови ги поминуваше во болничка постела на Воено-медицинската академија во Белград, до последниот момент имал надеж дека ќе оздрави, повторно ќе застане на нозе, ќе седне зад микрофон и ќе ја сними плочата што ја замислувал како круна на едно големо животно патување.
Во последните интервјуа од август 1991 година, за сараевскиот весник Уна и за Илустрована Политика тој открива дека едвај чекал да излезе од болница, и планирал да напише пет песни за новата плоча, а останатите да ги напишат Горан Бреговиќ и Ѓорѓе Балашевиќ.
-Многу одамна во Југотон запознав едно момче со долга коса и фармерки. Но, потоа немав можност пак да се сретнам со него. Денес тој, Горан Бреговиќ е големо име. Неодамна дознав дека тој е заинтересиран да подготви материјал за заеднички проект. Тоа за мене ќе биде неповторлив предизвик. Само уште малку да можам да закрепнам после овие операции и да можам пак да возам автомобил. Овде сум ,,наклукан” со лекови и не ми е до ништо. Затоа и брзам да излезам, треба да работам на плочата. Покрај моите авторски песни, планирам песни и од Бреговиќ, Балашевиќ, но и од неколку други врвни мајстори. Сето тоа ќе го снимам, а потоа ќе направам голем концерт во Домот на синдикатите, зборува Тома во интервјуата од август 1991 година, за соработката со југословенските музички великани која никогаш не се случи.
Здравковиќ почина во болницата во Белград на 30-ти септември истата година.
Деск

