Во рамки на синоќешното издание на фестивалот Фолк Фест Валандово 2026 беа доделени наградите за најуспешните песни, изведувачи и авторски остварувања, со што уште еднаш беше одбележана богата вечер исполнета со македонска фолк музика.
Наградата за најдобра песна, која вклучува парична награда од 1500 евра во денарска противредност и седумдневен аранжман за двајца на Скијатос, ја освои композицијата „Градче мое убаво“ во изведба на Христијан Божинов – Кико.
Втората награда за најдобра песна, во вредност од 1000 евра и седумдневен аранжман за двајца на Крф, ѝ припадна на нумерата „Солзи немам“ во изведба на Благица Калева.
Третата награда, со 750 евра и седумдневен аранжман за двајца на Сивота, ја доби песната „После се“ во изведба на Анета Љумаковска, Јане Динев и Анета Бенд.
Во категоријата најдобар текст беше наградена песната „Жено неверна“, со авторско дело на Томислав Коцевски – Пепси, во интерпретација на Драган Даце Николовски. Наградата изнесува 500 евра и викенд за двајца во Будимпешта.
За најдобра музика беше избрана композицијата „Градче мое убаво“, со музика на Зоран Ванев и изведба на Христијан Божинов – Кико, која доби награда од 500 евра и викенд за двајца во Букурешт.
Наградата за најдобар аранжман ја освои песната „После се“, за која аранжманот го потпишува Дарко Илиевски, во изведба на Анета Љумаковска, Јане Динев и Анета Бенд. Наградата е 500 евра и викенд за двајца во Истанбул.
За најдобра интерпретација беше прогласена Благица Калева за песната „Солзи немам“, со награда од 500 евра и викенд за двајца во Сараево.
Организаторите упатија честитки до сите наградени и учесници, истакнувајќи дека фестивалот и оваа година донел квалитетни изведби и нови музички хитови кои ќе останат на македонската фолк сцена.
В.К.

