28-годишна жена трагично го загуби животот по тешки повреди здобиени на музички фестивал, откако била удрена во глава од лице кое „сурфало“ над публиката, односно кое толпата го фрлала и дочекувала на раце.

Даниел Усикивич, која работела како секретарка во училиште во Мисури, починала десет дена по инцидентот што се случил за време на рок фестивалот Pointfest во Мериленд Хајтс на 16 мај, додека настапувал бендот „Sleep Theory“, пренесе Дејли Стар.
-Нејзиното семејство ја потврди трагичната вест, наведувајќи дека таа починала на 26 мај во попладневните часови.
Иако првично не мислела дека повредата е сериозна, состојбата на Даниел нагло се влошила неколку дена подоцна, кога била хоспитализирана поради силна главоболка. Лекарите откриле крварење во мозокот, за кое се верува дека било предизвикано од ударот.
Подоцна таа доживеала два мозочни удари и била подложена на итна операција, при што лекарите отстраниле голема количина крв и згрутчувања. За време на интервенцијата било откриено и претходно недијагностицирано здравствено нарушување.
По операцијата, Даниел била ставена во медицински индуцирана кома, но и покрај напорите на лекарите, таа не успеала да се опорави.
Семејството соопшти дека, и покрај огромната болка, донеле одлука да ја почитуваат нејзината желба за донирање органи, со цел да им помогнат на други луѓе да добијат нова шанса за живот, известува Дејли Стар.
Овој трагичен настан повторно ја отвора темата за безбедноста на музичките фестивали и ризиците од опасни практики како „crowd surfing“, кои можат да имаат сериозни, па дури и фатални последици.
Деск

