Министерката за образование и наука Весна Јаневска порача дека вештачката интелигенција е веќе дел од секојдневието на студентите, но дека клучно е човекот да го задржи последниот збор во образовниот процес.
На панел-дискусија одржана на Машинскиот факултет во Скопје, Јаневска истакна дека предизвикот не е да се запре употребата на новите технологии, туку да се постават јасни рамки за нивна правилна и одговорна примена. Според неа, токму тоа е целта на Националната стратегија за образование 2026–2032, која треба да овозможи создавање дигитално зрело образовно опкружување.
„Секој студент ја има вештачката интелигенција на својот телефон. Борбата не е таа да се запре, туку човекот да го има последниот збор“, нагласи министерката.
Таа посочи дека пристапот на Владата е усогласен со заклучоците на Советот на ЕУ од мај 2026 година, кои предвидуваат етички, безбеден и човечки ориентиран развој и употреба на вештачката интелигенција.
Јаневска подвлече дека, и покрај напредокот на технологијата, улогата на наставниците станува уште поважна.
„Вештачката интелигенција може да објасни, но не и да покаже емпатија. Не може да препознае кога студентот е збунет или каде греши. Професорот останува клучен во градењето знаење, вештини и вредности“, рече таа.
Министерката информираше дека Министерството, во соработка со високообразовните институции, веќе изработило Водич за примена на вештачката интелигенција, како и дека се спроведуваат обуки за наставници во основното и средното образование.
Воедно, таа најави дека со новиот Закон за високо образование ќе се воведе концепт на дуално образование, со кој студентите ќе комбинираат академска настава и практична работа во компании.
„Компаниите бараат кадар кој има и доменско знаење и дигитални вештини, вклучително и за вештачка интелигенција“, додаде Јаневска.
Панел-дискусијата беше дел од меѓународна конференција организирана од Универзитет „Св. Кирил и Методиј“, посветена на дигиталната трансформација и унапредување на соработката меѓу академијата и индустријата.
Деск
ЈАНЕВСКА: ВЕШТАЧКАТА ИНТЕЛИГЕНЦИЈА НЕМА ЕМПАТИЈА, ПРОФЕСОРОТ Е КЛУЧЕН ВО ГРАДЕЊЕ ЗНАЕЊЕ!
2 Mins Read

